Во август 2017-та веднаш по брзинското искачување на Мон Блан, требаше да донесам одлука што понатаму. Искрено сакав уште тоа лето да се обидам соло и “во еден здив“ на Матерхорн 4478 мнв, меѓутоа картите не се поклопуваа за такво нешто. Иако одлично го истерав Мон Блан, се уште глуждот не ми беше целосно опоравен, а временската прогноза навестуваше влошување на западните Алпи. По кратко размислување тоа попладне во кампот во Шамони падна одлука да се движиме на исток, одиме на Ортлер! Се спакувавме со Карас и наредното утро тргнавме на долг пат од Шамони кон јужен Тирол, минувајќи неколку атрактивни високопланински премини меѓу кои и највисокиот асфалтен патен премин во Европа – легендарниот “Пасо дело Стелвио“.

Ортлер со своите 3.905 мнв е највисок врв во Јужен Тирол (денес во Италија), како и во некогашна Австро-Унгарија во чии рамки бил дел. Значаен е од алпинистички аспект уште од првото искачување во 1804 година (Ј.Пихлер, Ј.Лајтнер), потоа првиот успон на неговата северна страна (1931 година од германските алпинисти Ханс Ертл и Франц Шмит) па се до денес, овде се искачувале некои од најпознатите имиња на светскиот алпинизам. Карактеристичен е и по тоа што дури и најлесната (класична) рута нуди значителна разновидност на планинарски патеки, карпи и глечер, што бара солидна високогорска подготовка. Ортлер 3.905 мнв, не толку звучен и поретко искачуван од македонските планинари, без двоумење го препорачувам како одлична целина.
Имајќи во предвид дека на 5-ти август го искачив Мон Блан, а веќе наредниот ден возевме од Шамони кон Солда, немав време и простор за одмор. Вечерта на 6-ти август преноќивме во еден пансион во Солда после долгиот пат, за да наредното утро го испратам Карас кон домот “Пајер“ на 3.029 мнв со цел да ми биде мала точка на логистика за време на успонот. Тоа попладне одморив колку што можев и психолошки се подготвував за она што следи. Врвот Ортлер го немав искачено претходно, иако до карпестиот гребен на околу 3100 метри веќе бев при една амбициозна извидница две години порано.

08.08.2017 ➖ Тоа утро искачувањето го започнав од пред црквата во селото Солда точно во 5:30 часот, се уште во мрак. Не паметам дали имав поставено временски таргет, но движев сосема добро со оглед на се што претходеше. За околу 1:30 часа веќе бев на домот “Пајер“ каде ме пречека Карас, се освежив и се надополнив со опрема. Натаму почнува вистинското искачување најпрво по карпестиот гребен кој иако нема особена тежина (II/III- UIAA) бара внимателност. Кога стасав до глечерот времето дополнително се влошуваше, дуваше и умерен ветар од околу 40 км/ч. Објективните опасности беа значително поголеми, бидејќи во август месец глечерите (особено под 3500 мнв) се испреплетени со безброј пукнатини. Па така еден дел од рутата не можеше да се мине по вообичаената полесна линија на движење на самиот ледник и бев принуден да качувам краток карпест дел пред малиот бивак “Ломбарди“ на 3318 мнв. Овој технички детал за нагоре го минав релативно лесно (оценка III, детал IV-). Истиот тој карпест скок за надолу, без појас и јаже, беше деликатен за соло отпењавање и морав да се вложам сериозно. Да знаев веројатно ќе понесев лесен појас и 20-тина метри тенко помошно јаже, но во моментот морав да се снајдам без соодветна опрема, за среќа алпското и качувачкото искуство ми помогнаа успешно да се справам со ситуацијата.
Понатаму до врвот движев константно, се трудев да го држам правецот при моментите на слаба видливост и снежно белило, а на моменти се борев со ветрот. И стасав конечно на врвот, гарминот покажуваше 3 часа и 11 минути, без размислување го запрев тука. Одлучив ова да биде моето евидентирано време само за искачување, од црквата во Солда до врвот Ортлер, 3:11:43. Се сликав на врвот со металниот крст, во облак и без заслужен видик. За надолу од безбедносни причини, одлучив да не мерам време и бидам повнимателен. Кога стасав кај домот “Пајер“ направив кратка пауза за освежување, му ги пренесов на Карас првите импресии и потоа појдовме заедно надолу.

Уште едно прекрасно искачување, за кое до денес не стасав да напишам некој збор. Веројатно во сенка на брзинското на Мон Блан тоа лето и многу други авантури што следеа, но сепак исклучително значајно и драго за мене како планинар. Затоа еве го после речиси седум години текстот за “Ортлер во еден здив“, во тој момент одличен тест за моите капацитети. Веќе ден подоцна со цел заокружување на летото со еден заеднички успон, појдовме со Карас да го искачиме Гросглокнер со патики директно од Лукнерхаус. Не спречија и не вратија назад урагански ветрови и никаква видливост нешто над домот “Е.Јохан“ на околу 3500 мнв. Тоа беше почеток на неколку нестабилни денови кои направија одреден пустош во тој дел на Австрија и Италија, а за нас крај на уште една алпска авантура.
За запис од мојот Гармин часовник кликнете тука.