Избор на планинарски чевли за искачувања над 4000 мнв на Алпите


Изборот на соодветни планинарски чевли за високогорско искачување е еден од најважните аспекти на кои треба да се обрне особено внимание, а директно може да влијае на успехот и безбедноста на самото искачување. За успон на највисоките алпски врвови како Мон Блан или Дуфуршпиц најсоодветен избор би била исклучително тврда алпска чевла (категорија Д) компатибилна со автоматски тип на дерези, што нуди доволна изолација и топлина при движењето во ноќните часови, како и доволно цврстина за движењето со дерези на замрзнат и стрмен терен. Сепак, во одредени случаи, зависно од искуството на поединцот и условите на планината, може да се сретнат планинари и со полесна алпска чевла (категорија Ц) компатибилна само со полуавтоматски или универзални дерези.

  • La Sportiva Nepal Evo / Nepal Cube
  • Scarpa Mont Blanc GTX / Pro GTX
  • Asolo 6B+ GV
  • Lowa Alpine Expert II GTX
  • Hanwag Sirius II GTX

Ова е кратка листа со некои од проверените и најчесто користените модели за класични алпски искачувања од различни производители, но на пазарот може да се најдат уште многу соодветни чевли вклучително од брендови како Garmont, Salewa, Meindl, Boreal, Mammut, Millet, Zamberlan. Некои од поновите модели се изработени од иновативни материјали и високи перформански, како на пример моделот G-Tech или G5 на La Sportiva или Phantom Tech на Scarpa. Сепак последните модели се повеќе наклонети кон искачување на алпинистички цели, отколку традиционално високогорско планинарење по класичните рути на популарни алпски врвови.

La Sportiva Nepal Extreme

Моделот Nepal на La Sportiva не случајно е прв на оваа листа, како водечки во алпските искачувања во изминатите три декади. За прв пат “лансиран“ во доцните 80-ти години, популарниот “Непал“ е омилената цврста високопланинска чевла на многу планинари и алпинисти. Последна варијанта која се појави на пазарот е “Nepal Cube GTX“ со значителна цврстина, помала маса благодарение на иновативните материјали, особено погодна за потехнички алпски искачувања кои вклучуваат и лед или миксов терен.

Важно: Не купувајте чевли без да ги пробате со соодветни високопланински чорапи, по можност во продавница каде има рампа која симулира планински терен (кратко искачување и спуштање на карпеста/дрвена подлога). Два клучни фактори при купувањето на нови (високопланински) чевли се:

  1. Величина:
    Обрнете особено внимание, по можност пробајте ги чевлите попладне кога стапалата се благо отечени што би ја симулирало состојбата после напорен ден минат на поголема надморска височина. Во најчест случај еден број поголеми од величината во која купувате ниски планинарски патики, но може да варира зависно од моделот. Ако величината е кнап, чест случај е набивање на прстите при спуст и смрзнатини при пониски температури поради ограниченото движење на прстите и намалена циркулација. Ниту преголемите чевли не се соодветен избор поради движењето на стапалото во чевлата што ја нарушува стабилноста особено на позахтевен терен, но барем делумно може да се делува со два пара подебели чорапи или вметнување на дополнителни подебели планинарски влошки во чевлата.

  2. Форма и широчина:
    Чевлите што се нудат на пазарот се со различен “фитинг“ што одговара на различен тип на стапала според широчината и формата. Најголем дел од чевлите одговараат на средните вредности на широчина и свод на стапалото, меѓутоа одредени модели се прилагодени за поспецифични стапала, вклучително и чести деформитети на стапалото како на пример “Халукс – Валгус“. Вистинскиот избор би бил значајно олеснување за вашите стапала за време на долгите високогорски тури.


Високопланинските чевли со соодветна нега и одржување можете да ги користите прилично долго, со оглед што нивната употреба е релативна ограничена во текот на годината. Чест случај е чевлите да се во добра општа состојба, единствено ѓонот да е релативно потрошен или оштетен, а во таков случај производителите нудат целосна фабричка замена на ѓоновите што најчесто чини околу 30% од вредноста на нови чевли од истиот модел.


Автор: Александар Кирковски

Партнери