Дополнителниот кислород во високогорството и алпинизмот често е предмет на дебата во планинарската заедница. Како сè повеќе луѓе се впуштаат во високогорски предизвици, се поставува прашањето: дали користењето на кислород во боци е неопходна безбедносна мерка или претставува предност и има функција на своевиден допинг? Постојат евидентирани записи за користење на дополнителен кислород во рамки на планинарски експедиции уште во почетокот на 20-тиот век, а боци со кислород биле употребувани за време на Британските експедиции на Еверест во 1922 и 1924 година. Успешното искачување на Монт Еверест 8848 мнв од страна на сер Едмунд Хилари и Тензинг Норгај во 1953 година со кислородна поддршка го зацврстува неговото место во високогорските експедиции како неопходен елемент. Сепак истата таа 1953 година, поради сплет на околности, австриецот Херман Бул се искачува на врвот Нанга Парбат 8125 мнв соло и без користење на дополнителен кислород. Со текот на децениите, технолошкиот напредок ги унапреди кислородните системи со значително подобрена функционалност и намалена тежина, зголемувајќи ја нивната употреба особено во комерцијалните искачувања.
Физиолошка основа: Зошто кислородот е клучен?

На големи височини атмосферскиот притисок и концентрацијата на атмосферските гасови се намалуваат што доведува и до ниска парцијална концентрација на кислород во воздухот. Ниската сатурацијата со кислород во организмот го отежнува неговото нормално функционирање и може да предизвика висинска болест што се манифестира со главоболка, мачнини и повраќање, слабост и замор, нарушена координација и рамнотежа, намалена способност за размислување и носење одлуки, а во посериозни случаи да доведе до животозагрозувачки состојби како висински белодробен едем (HAPE) и висински церебрален едем (HACE). Дополнителниот кислород помага да се одржи заситеноста на крвта со кислород на задоволително ниво, намалувајќи ја хипоксијата и потенцијалните ризици. Со тоа се поддржува функцијата на мускулите, когнитивната функција и регулацијата на телесната температура.
Модерна употреба и етички размислувања

Првото успешно искачување на Монт Еверест без користење на кислород се случува на 08.05.1978 година од страна на Реинхолд Меснер и Питер Хабелер, двајца извонредни алпинисти. И не само Еверест, туку Меснер во 1986 година успешно ја комплетира листата на 14-те врвови над 8000 метри како прв човек во светот, постигнувајќи го тоа без употреба на кислород. Тоа не постанува веднаш стандард во алпинизмот, но полека се повеќе силни и спортски насочени алпинисти го прифаќаат како стил на искачување. Од друга страна пак, комерцијалните експедиции до врвовите над 8000 метри кои се појавуваат од раните 90-ти години, задолжително вклучуваат користење на боци со кислород како стандардна безбедносна мерка обично почнувајќи на височини над 7.000 метри. Стапките на проток се движат од 1 до 4 литри во минута, во зависност од височината и физичкото напрегање. При користење на дополнителен кислород на врвот Монт Еверест со стапка на проток од 1 до 2 литри во минута, врвот (8.848 м) се чувствува како височина од околу 7.000 метри без дополнителен кислород. Ова значително го намалува физиолошкиот напор, правејќи го искачувањето да се чувствува како на значително пониска височина. Додека многу планинари ја ценат дополнителната безбедност, значаен дел од алпинистичката заедница која обрнува особено внимание на стилот во кој е реализиран одреден успон тврди дека кислородот ја намалува автентичноста на искачувањето и претставува своевиден допинг. За нив, искачувањето без кислород останува крајниот тест на издржливост и вештина. Денес е време кога бележиме огромен напредок на алпинистичката опрема со ултра лесни материјали и повеќекратно зголемена функционалност, исхрана и суплементи, надополнето со прецизни метеоролошки прогнози. Оттука логично е размислувањето дека модерниот алпинист веќе е во доволна предност пред своите претходници од 70-тите и 80-тите години, од кои дел уште тогаш успешно се искачувале над 8000 метри без дополнителен кислород.
Што вели статистиката?
Вредно е да се напомене дека заклучно со сезоната 2024 на Монт Еверест се регистрирани вкупно над 12.000 успешни искачувања од 7269 различни качувачи. Од нив вкупно само 230 алпинисти се искачиле без дополнителен кислород што претставува близу 2% од вкупниот број искачувања. Од 2000 година наваму стапката на успех кај обидите без користење на кислород изнесува околу 15%, додека кај оние со дополнителен кислород околу 80%. Севкупно земено освен Монт Еверест, бројката на успешни искачувања на врвови над 8000 метри без кислородна поддршка е значително поголем, особено на пониските 8000-ки односно врвови со височина помеѓу 8000 и 8200 мнв.
На крајот но не помалку важно, зборувајќи за етичките принципи, не треба да се занемарат и други супстанции освен боците со кислород кои на телото му даваат предност при искачувањата и може да се толкуваат како допинг. Во прв ред се медикаменти за побрзо адаптирање на височина или зголемување на перформансите, а кои несомнено се користат во светот на комерцијалното високогорство и хималаизмот. Бидејќи не се работи за натпреварувачки спорт, туку повеќе за авантуристичка активност, нема ниту надлежно тело кое ќе ги регулира правилата на игра. Останува на етичките и моралните принципи на самиот алпинист, ценејќи ја својата спремност и капацитети како и во координација со стручен лекар, да одлучи каков стил на искачување ќе практикува.
Автор: Александар Кирковски