На втори Август 2023-та, Илинден, со Лукас се симнуваме од вториот висински камп на Пик Ленин кон базниот камп. Со тешки ранци се движиме исклучително брзо и енергично, ништо не укажува дека претходниот ден се искачивме на 7134 метри на само деветиот ден откако пристигнавме на планината. Несомнено двајцата во одлична психо-физичка кондиција и спремни за многу поголеми потфати од оваа високогорска експедиција. За десет дена е завршена експедицијата, која вообичаено трае двојно повеќе и повторно не гарантира успех секому. Среќни сме поради тоа, но уште не вратени во цивилизација разговараме за идни планови, така паднавме на идејата веднаш по враќањето од Киргистан да продолжиме на Матерхорн.
Лукас се врати дома два дена порано, додека јас и Петар почекавме во базниот камп можност за уште едно заедничко или мое соло искачување, но прогнозата не ветуваше навистина стабилни услови за наредните неколку денови. Па така на седми август сеуште бев во Ош, вториот град по големина во Киргистан. По враќањето дома имав само еден ден да се средам, за да на деветти попладне со комбето на Лукас заминеме за Цермат. Паркиравме во последното село до каде се стигнува со возило (Теш) и дремнавме два-три часа во комбето. Матерхорн е врвот од познатото “Тоблероне“ кое во меѓувреме го загуби правото да го користи овој врв на својата амбалажа, глобализацијата и светската криза го пресели производството на чоколадото во Словачка, а швајцарските закони не дозволуваат користење на нивните симболи на производи кои не се од домашно производство. Без разлика, Матерхорн е многу поголем бренд од чоколадото, алпинистички симбол, најпрепознатливиот алпски врв и сон на милиони планинари ширум светот. Лукас е за прв пат дојден со намера да го искачува Матерхорн, но иако не е предолго во планинарско-алпинистичките води неговите капацитети се исклучително високи во секоја смисла. За мене ова требаше да биде четврто искачување, претходните три различни на свој начин. И овој пат целта е малку поинаква, се стремиме да се искачиме во еден ден од центарот на Цермат, буквално од цивилизација, до врвот и назад долу истиот ден.

Се движиме низ центарот на Цермат, саатот е речиси два после полноќ, во екот сме на летната сезона овде и пред два барови сеуште има музика и луѓе со пијалоци. Направивме последни подготовки и појдовме од пред црквата со 20 литарски ранци на себе. Она што го носиме е прескромно за ваков потфат, таканареченото “брзо и лесно“ движење со себе носи и поголеми ризици. Човек мора да има акумулирано значајно искуство, физичка и ментална спремност, за да се впушти со малку опрема, течност и нешто ситно храна, на вакво искачување. Времето треба да е стабилно во текот на целиот ден, но релативно постудено и со засилен северозападен ветар. Во ниските зони тоа не се чувствува, а веќе над шумскиот појас се слушаат ударите на ветрот повисоко на планината и струењето на студен воздух надолу. Стигнавме пред домот Хорнли во најнезгоден момент, кога поаѓаат наврските кои го искачуваат Матерхорн, иако целта ни беше да минеме малку пред нив со цел да избегнеме гужва на карпата. Земајќи го во предвид фактот што малку задоцнивме за нашата намера, ги оставивме да движат пред нас и си дозволивме мал одмор во домот. За сите планинари денот почнуваше, а ние веќе имавме зад себе 1600 висински метри. Од тука натаму почнува вистинското искачување, носиме тенко 30 метарско јаже, но повеќе во случај на нужда без намера да се наврзуваме. Се движиме со умерено темпо, првиот дел од рутата по гребенот Хорнли почесто траверсира низ источната падина и има различни варијации, треба да се биде внимателен за да се погодат најсоодветните премини за побрзо и полесно напредување. Без оглед што движиме навистина добро, не се чувствувам во полна снага, очигледно експедицијата, долгиот пат назад, прилагодувањето на часовни зони и краткиот сон во комбето, си го земаат данокот. Правиме краток одмор кај бивакот Солвеј на 4000 метри, мало засолниште кое живот значи, а каде со Бојан летото 2013-та тоа го почувствувавме на своја кожа при невреме кое не зафати на симнување од врвот. Од овде натаму искачувањето е поекспонирано, а надморската височина дополнителен товар за планинарите, па затоа многу од наврските кои не успеваат да го искачат врвот најчесто се откажуваат помеѓу Солвеј (4000 мнв) и рамото на Матерхорн (4200 мнв). И понатаму продолжуваме ненаврзани, до “рамото“ (Matterhorn’s shoulder) сме заштитени од ветрот затоа што движиме на источната страна, но понатаму мораме да се соочиме со неговите студени удари. На секцијата со неколку фиксни јажиња помеѓу 4250 и 4350 мнв сме особено внимателни, се прави застој од повеќе наврски кои движат нагоре или надолу, дува засилен ветар, а од горе постојано паѓаат парчиња мраз врз нас. Единствено ние двајцата движиме соло ненаврзани, што ни дава можност да бидеме пофлексибилни и малку побрзи во тој метеж. Излегуваме на последната снежна падина пред самиот гребен кон крстот, секција што вообичаено е една од полесните, 40-тина степени стрмен нагиб со најчесто добар цврст снег. Овој пат условите на овој дел се прилично лоши, преовладува цврст мраз што бара повеќе вложена енергија и претпазливост.

Се искачивме на врвот и го минавме тесниот снежен гребен кој ги дели северната и јужната страна на Матерхорн, Швајцарија и Италија, за да дојдеме до препознатливиот метален крст поставен во далечната 1902 година. Се фотографираме и се бориме со ветрот, прилично е студено. Од горе може да се види Цермат далеку ниско во долината, изгледа неверојатно далеку од овде и навистина е така, речиси 3000 висински метри од кои добар дел по карпест технички терен. Не чека многу пат, потешкиот дел од оваа еднодневна авантура. Слегуваме релативно ефикасно со отпењавање, правиме три кратки абзели до бивакот Солвеј. Немаме многу храна и течности, на симнувањето извадив од ранецот пакетче гумени бомбони обложени со доста шеќер, што ми беа еден вид занимација при слегувањето. На технички терен, независно од оценката, мора да се биде целосно присутен, многу кобни несреќи вклучително и на познати алпинисти се случиле на релативно полесен технички терен и при отпењавање. Воочувам дека темпото на спуштање е побавно од она при моето “соло“ во 2018-та, но сепак е константно. Слеговме на домот Хорнли нешто после пладне и решивме да одмориме, тешкиот пат е позади нас, ама 1600 висински метри “акање“ надолу не се малку после сето ова. А Хорнли не е баш дом туку повеќе е хотел, сосема различен од мојот прв престој десет години претходно (пред реновирањето), повеќе туристи отколку планинари, со угостителски услуги на високо комерцијално ниво. Јадеме по една торта и капучино, пишуваме по некоја порака дома дека сме добри, безбедни. И патот под нозе надолу, час побрзо, час побавно, правиме неколку кратки паузи за да уживаме во мирните доцнопопладневни мигови пред да се спуштиме во цивилизацијата.

Се симнавме долу, го земавме комбето од паркингот во Теш и застанавме да се замиеме на една селска чешма подолу во Ранда. Прилично амбициозно појдовме истата вечер назад дома (околу пет часа пат), но откако се најадовме донесовме правилна одлука да паркираме и дремнеме на еден попатен паркинг, за да дома пристигнеме рано наутро следниот ден. Точно навреме за да застанеме во “Балкан бекераи“ на штотуку извадениот топол бурек со месо. Уште еден прекрасен ден во планините беше зад нас и тоа каков, големиот Матерхорн директно од Цермат, а може да се каже и директно од Киргистан. Доживувања и емоции кои за да се разберат треба во некоја слична форма да се доживеат.
Напомена дека овој текст не кажува ништо особено за спецификите на ова искачување, кое на хартија од домот Хорнли до врвот е оценето со алпско AD (Assez Difficile = Fairly difficult) и тројка според УИАА, но на вакви планини “сувиот“ опис на хартија не значи премногу и влијаат низа на различни фактори. Не се соодветни споредби со други правци во планинарскиот спорт, ниту на тежината и комплексноста на искачувања со различен стил и пристап.
Многу успех и безбедни авантури во планините!





