Македонци на врвот Матерхорн 4478 мнв

Врвот Матерхорн 4478 мнв на Пенинските Алпи, на границата помеѓу Швајцарија и Италија, претставува значаен симбол во светот на планинарството и е една од целите на многу планинари и алпинисти. Иако на Алпите има повисоки врвови, а од денешна перспектива и доста позахтевни и подрагоцени искачувања, Матерхорн го задржува статусот благодарение на својата уникатна доминантна форма и историско значање. Во средината на XIX век, кога најзахтевните високи врвови на Алпите постепено биле искачувани, Матерхорн останал еден од последните големи сè уште неискачени врвови. Неговата карактеристична пирамида со стрмни карпести страни го правеле особено застрашувачки и предизвикувачки за пионерите во искачувањата на Алпите. Во 1865 година е опишуван како „последниот од големите неискачени алпски врвови над 4.000 метри“.

На 14 јули 1865 година тим од седуммина предводен од британецот Едвард Вимпер конечно стигнал до врвот. Но, успехот бил проследен со трагедија кога при спуштањето паднале и загинале четворица од групата – Лорд Френсис Даглас, Чарлс Хадсон, Даглас Хадоу и Мишел Кроз. Само три дена по историското прво искачување на Матерхорн од швајцарската страна, на 17 јули 1865 година, Жан-Антоан Карел и Жан-Батист Биш го направиле првото искачување на Матерхорн од италијанската страна, преку насоката Креста дел Леоне.

Првите искачувања на планинари и алпинисти од Македонија се случуваат доста подоцна, пред се поради општествено-политичките прилики и релативно подоцниот развој на планинарските спортови кај нас. Првите планинарски клубови на на територијата на денешна Република Македонија се регистрирани во 1920-тите години во време кога истата сеуште била во рамки на Кралството СХС, а Планинарскиот сојуз на Македонија е основан по Втората светска војна во 1948 година. Алпинизмот во Македонија започнува поинтензивно да се развива во 1960-тите години. Тоа не ја исклучува можноста дека некој Македонец некогаш претходно (пред 1970 година) го искачил врвот Матерхорн, но таква информација немам сретнато како запис ниту усно споделена информација од некој од постарите алпинисти или планинарски хроничари.

Во летото 2026 година се заокружи убава бројка од 50 Македонци кои низ годините го искачиле Матерхорн и по тој повод дојдов на идеја да ги приберам информациите и ја напишам оваа кратка хронолошка статија со евиденција на искачувањата. Во меѓувреме таа бројка се искачи на вкупно 56 Македонци (52 мажи, 4 жени) заклучно со 31.08.2026 година. Сите успешни искачувања досега се реализирани преку една од двете класични насоки (североисточниот гребен Хорнли/Hörnligrat или југозападниот гребен Леоне/Cresta del Leone) кои се слични по својата тежина и носат алпска оценка AD/AD+ со слободно качување до III UIAA.

Помеѓу подолу наведените искачувања постојат разлики во времето на реализација, условите на планината и стилот на искачување. Денес полесната достапност до информации, напредокот на опремата особено во својата компактност и тежина, како и прецизните метео прогнози го прават искачувањето објективно полесно. Од друга страна климатските промени и трендот на глобално затоплување забрзано го топат пермафростот и значително ги зголемуваат ризиците од големи карпести одрони. Матерхорн и денес останува еден од најпопуларните планински врвови и планинарски предизвици, а добра подготовка и темелен пристап се особено важни предуслови при секое искачување.

Особена благодарност до сите искачувачи за придонесот во собирањето на информациите и комплетирањето на податоците. Доколку некој има информации и материјал за искачувања кои се случиле, а не се евидентирани во оваа листа, ќе ми биде драго да ме контактира и ги сподели.


Пишува: Александар Кирковски

Партнери