Мон Блан 4810 мнв 🇮🇹

Италијанска страна (преку Гонела)
Период Достапност од 20.06. до 01.09. (со закажување) 📅
Локација Алпи, Италија
Тежина Физички ⬤⬤⬤⬤○ / Технички ⬤⬤⬤○○
Услови Активен планинар, искуство над 2500 мнв во зима
Тип Мала група до 4 учесници

Кратко инфо

Италијанската страна на Мон Блан е помалку комерцијална од француската и изобилува со различни насоки според својата тежина, а класичната рута преку домот Гонела е физички најтешка во однос на останатите две планинарски рути од француска страна (Де Гуте и Траверсот на трите планини), затоа што стартот е ниско од долината Вал Вени (околу 1700 мнв) и со ноќевање во домот Гонела на 3070 мнв има предизвикувачки завршен успон од околу 1800 висински метри.

Оваа насока се нарекува уште и “Папската рута“ бидејќи во рамки на првото минување во август 1890-та година (надолу) дел од петчлената група планинари бил и Ахиле Рати, кој подоцна во 1922 година е избран за римски папа и на оваа позиција останува до својата смрт во 1939 година.

Планинарскиот водич е значајна алка на секоe високогорскo искачување и со своето искуство, вклучително и на планината и врвовите кои се цел на експедицијата, значајно придонесува за правилниот пристап, безбедноста и успехот на тимот.

Детали

Ден 1. Превземање од локален аеродром или средба во долината Аоста

Ден 2. Аклиматизационо искачување на 4000 мнв

Ден 3. Одмор и подготовка за искачување

Ден 4. Искачување до дом Гонела 3070 мнв

Ден 5. Искачување на Мон Блан 4810 мнв

Ден 6. Резервен ден

Ден 7. Транспорт до аеродром

Можност како 7 дневен пакет или ангажман на водич само за успон (2 дена)

Вклучено во 7 дневен пакет:

Комплетна организација на акцијата со искусен планинарски водич.

  • Превземање/враќање од и до аеродром и целиот локален транспорт
  • 5 ноќевања во хостели/кампови за време на акцијата
  • 1 ноќевање со појадок во дом Гонела
  • Насоки за тренинг и подготовка, совети при набавка на опрема
  • Организација и водство на акцијата (со планинарски пристап)
  • Мала група до 4 учесници (предност и безбедносен фактор)

НЕ е вклучено во цената: Авионски лет до локален аеродром (Базел, Женева или Милано), лична планинарска опрема (можност за изнајмување на техничка опрема), исхрана за време на турата, планинарско осигурување валидно за алпски искачувања (25-30 евра), сите трошоци од лична природа.


Важно: Секој учесник потпишува изјава дека е во целост свесен за ризиците кои со себе ги носи високогорското планинарење на Алпите над 4000 мнв, како и наведената програма за искачување на врвот Мон Блан, дека одговара за својата психо-физичка подготовка и учествува на акцијата во на своја сопствена одговорност. Секој член на акцијата како активен планинар превзема одговорност за својата способност за автономија во движењето, но и дека ќе се придржува и во целост ќе ги почитува насоките на водичот на акцијата.

Задолжително е претходно планинарско искуство од најмалку пет години.

  • Одлична планинарска психо-физичка кондиција
  • Потврда од спортска медицина
  • Активно зимско планинарење над 2500 мнв
  • Член на планинарски клуб и посетена зимска планинарска обука
  • Искуство со користење на дерези и цепин

Умерени способности на фирн и лед (способност за самостојно движење до 35 степени нагиб) и добра кондиција за целодневно планинарење со 40 литарски ранец, вклучително и движење во ноќ со челна ламба. На денот на завршниот успон поаѓаме кон врвот на полноќ, предвидено е време од 9 до 10 часа до врвот, вкупно 17-18 часа со враќање во долината Вал Вени.

За време на успонот се движиме со алпски ранци 35 до 45 литри, со лична опрема, храна и течности. Движењето на завршниот успон е во глечерска наврска.

Секој учесник добива детална листа и насоки околу потребната опрема.

Сите учесници треба да имаат базично познавање и вежби за движење во глечерска наврска. Задолжително е членство во планинарски или алпинистички клуб, како и посетена зимска планинарска обука.

Пријавување и резервација зависно од достапност на термини.
Месец јули е најсоодветен за безбедно искачување на оваа насока.

Пријавувањето се смета за комплетно со пополнета пријава и уплата на депозит.

Партнери